Новинари од националните и локалните медиуми од поширокиот регион и претставници на верските заедници во Македонија, денес во Охрид дискутираа на тема Толеранција, дијалог, соработка. Промовирање на меѓурелигискиот дијалог преку градење капацитетии за медиумите и религиските претставници.


Учесниците ги изнесоа своите искуства и ставови за известувањето во кое се третираат прашања од областа на верата и религиите.

Како што истакна Илина Мангова, менаџер на Проектот, целта на овие обуки е да се едуцираат новинарите за начините како да се известува на верски теми и на тој начин да се придонесе кон зајакнување на јавната свест за меѓурелигиска толеранција, слободата на изразување од аспект на верските чувства, слободи и религискиот плурализам во Македонија.

–  Оценка е дека меѓуверската соработка на највисоко ниво, односно меѓу највисоките структури на верските заедници во Македонија постои, но истата не се пренесува меѓу населението односно на пониските степени. Често доаѓа до злоупотреба на верските чувства и идентитетот од страна на политиката, а медиумите како главни канали  на комуникација меѓу јавноста и институциите играат клучна улога, во насока на истакнување на потребата од верска толеранција, наспроти ширењето меѓуверска нетрпеливост и омраза, рече Мангова.

Претставниците на верските заедници потенцираа дека се задоволни од сорботката со медиумите. При тоа, имаат забелешки во врска со одредени терминолошки грешки при известувањето, како и несакани појави- тенденциозни написи, нагласување на лоши трендови, ограничено известување, сензационализам. Како што тие потенцираа, често пати постои и незаеинтересираност кај медиумите за известување за верски теми кои се од особено значење.

Проектот во чии рамки се одржа денешната работилница во Охрид  е во организација на Фондацијата „Конрад Аденауер“ и Институтот за демократија „Социетас Цивилис“. Завршната обука е предвидена по одржуавњето на работилниците во Скопје, Тетово и Струмица. 


Како што најавуваат организаторите, во текот на летниот период ќе се организираат и 14 разменски посети на ученици од основните и средните училишта во земјата на верски објекти на други религии, со цел младата популација да се запознае со верските вредности и практики на припадниците на различните верски заедници во Македонија, како и истражување на јавното мислење, во кое ќе се испитува нивото на верска толеранција во земјата. Резултатите од сите спроведени активности во рамките на поширокиот проект ќе бидат презентирани на една поголема конференција за меѓурелигиска толеранција.

OhridNews