Најдобриот плејмејкер на европското првенство во Литванија во 2011 година, македонскиот репрезентативец, Лестер Бо Мекејлеб, во мини интервју за српскиот весник „Спортски журнал“, изјавил дека атмосферата е клучна за добрите резултати на репрезентацијата.


„Од моментот кога дојдов во Македонија, сите играчи направија да се чувствувам како дома. Заедно најдобро функционираме, неколку години составот е ист и се е сјајно. Сите сме како браќа“, рекол Американецот со македонски пасош.

Македонија на Евробаскетот во Словенија ќе го брани четвртото место кое го освои пред две години во Литванија. Противници на Македонија, во Б групата ќе бидат Црна Гора, Босна и Херцеговина, Латвија, Литванија и Србија.

„Ова е мојата прва недела од подготовките. Имаме уште доволно време, кога треба да бидеме на вистинско ниво. Потоа како ќе одминува шампионатот ќе растеме од натпревар во натпревар“, дополнил организаторот на играта на македонската репрезентација.

Мекејлеб со репрезентацијата на Македонија, во вторникот и средата одигра две контролни средби со актуелниот европски првак Шпанија. Шпанците победија на двете средби, во Сантијаго де Компостела со 66-61 и во Леон со 77-55.

Кошаркарската репрезентација, од Шпанија се пресели во Германија, каде од 23. до 25.август во Улм ќе игра на турнир каде противници ќе и бидат Грција, Германија и Босна и Херцеговина.

 

„Макфакс“