– Со доделувањето на наградата „Златен венец“ на СВП за 2013 на Хосе Емилио Пачеко, „Струшките вечери на поезијата“ уште еднаш ја потврдуваат својата висока цел – преку различностите да се зачува духовното единство на светот, и дека поетскиот јазик е единствен, универзален и ги содржи сите говорни јазици на светот – истакна претседателот на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“, Славе Ѓорго Димоски, на соопштувањето на годинашниот лаурет во МАНУ.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска посочи дека Хосе Емилио Пачеко е еден од најеминентните поети на неговата генерација, а неговото творештво се издвојува со прецизноста на поетскиот јазик, на неговата пасија, на неговата независност.
– Верувам дека присуството на овој автор на годинашното издание на „Струшките вечери на поезијата“ ќе биде провокација за многу љубители на пишаниот збор повторно да ја посетат нашата земја и да станат дел од традиционалното празнување на убавината на поезијата во Република Македонија – истакна Канческа-Милевска.
Хосе Емилио Пачеко е роден во Мексико Сити во 1939 година. Се школувал во родниот град, а подоцна предавал книжевност на многу универзитети во Јужна Америка, САД и во Канада. Член е на Мексиканската академија на јазиците. Пачеко зад себе има петдецениско творештво кое го издигнува во височините, не само на мексиканската литература на која ѝ припаѓаат Борхес и Октавио Паз, туку и во целокупната хиспаноамериканска, а и светска литература. За своето исклучително поетско творештво многукратно е наградуван, а е лауреат и на големата награда „Сервантес“, која се доделува за исклучителни достигнувања во литературата пишувана на шпански јазик.
Во изминатите пет децении преку 5000 поети, есеисти и критичари ја посетија светската поетска престолнина Струга и Република Македонија и го презентираа своето творештво, а 47 поетски лауреати на 20-от и на 21-от век се здобија со Златниот венец на поезијата, наградата која стана најпривлечен и најпосакуван книжевен симбол на еден поет.