Претседателот на општинската изборна комисија на Струга Минир Жута денеска му го врачи уверението на новиот градоначалник на општина Струга Менди Ќура. По тоа следуваше и примопредавање на функцијата од досегашниот градоначланик Рамис Мерко во општинската зграда.

Ќура се заблагодари за поддршката и вети дека ќе биде градоначалник за сите граѓани на Струга без разлика дали го дале својот глас за него и веднаш ќе почне со реализација на ветеното.

Денес почнуваме од зборови на дела. Значи промените почнуваат, мојот изборен и среќен број 133 стои и на таблиците на мојот автомобил, кој од денеска ќе и служи на Општина Струга во наредните четири години. Исто така, донесовме важна одлука за сите вработени, кои не идат на работа денови, месеци и години, а некои од нив има и во странство на работа, со која почнува процес на раскинување на решенијата, рече Ќура.

Како еден од најголемите приоритети го посочи патот Мороишта – Струга, решавањето на проблемот со паркинг местата, комуналните проблеми….

Најави и ревизија за работата на Општината и на сите јавни претпријатија, но и посебни комисии, кои ќе ја евидентираат фактичката состојба на терен.

Во однос на проблемот со депонијата во Струга, смета дека ќе се реши со отворањето на регионална депонија очекувајќи тоа да се случи во 2026 година.

OhridNews