Мерката за условен увоз на брашно од странство во Република Македонија ќе престане да важи на 15 септември на полноќ, соопшти вечерва вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, пренесува „Макфакс“.

„Мерката за условен увоз на брашно, исто како и мерката за условен увоз на пченица која престана да важи претходно, беа донесени исклучиво за да се заштити домашниот пазар, односно да се даде поддршка и на производителите на пченица и на млинарите. Двете мерки беа базирани на домашното и меѓународното трговско право и имаа правна основа и во договорот за ЦЕФТА, и како такви ги постигнаа целите за кои беа донесени“, појасни Пешевски на прес конференција.

Според него, Владата на овој начин покажала дека се грижи за субјектите во земјата.

„Со нашата конзистентност и решителност и со верувањето во силата на нашите аргументи покажавме и дека Македонија е и треба да се согледува како сериозен играч во трговските односи, дека знаеме да истраеме и да не потклекнеме на притисоци, и дека влечеме потези кои ги заштитуваат економските и политички интереси но и достоинството на државата“, рече Пешевски.

OhridNews
извор:„Макфакс“