За да се спречат можните опасности и несреќи од струен удар, при извршување на земјоделски активности во близина на електрични водови задолжително треба да се почитуваат безбедностите мерки. ЕВН Македонија ги извести општините, месните заедници, здруженијата на земјоделци и преку медиумите сите корисници за мерките кои треба да се преземат при работа во близина на далноводите. 
-Нaјопасен е допирот со надземни електрични водови кој е и причина за најголем број од сите фатални несреќи со електрична енергија во земјоделството. Затоа треба најстрого да се почитува пропишаната одалеченост, односно да не се приближува поблиску од 2,0 метра до електричните водови. Треба да се внимава и при поставувањето на опремата за наводнување. Не смее да се поставуват метални цевки за наводнување паралелно со трасата на надземниот вод. 

При наводнување, задолжително да се избегнува приближување и контакт на водениот млаз со надземните водови. Особено да се обрне внимание и на силината и правецот на ветерот. Во близина на електричните водови, цевките за наводнување во никој случај не смеат да се поставуваат вертикално, ниту при нивно празнење ниту при нивниот транспорт. Исто така транспортот на останатата опрема за наводнување, мора да биде исклучиво во хоризонтална положба.-советуваат од ЕВН.
Стручните лица од ЕВН Македонија, постојано ќе бидат на располагање, во врска со сите отворени прашања, за безбедно изведување на активности во близина на електрични водови, информираат од компанијата.
OhridNews