Четирикратниот најдобар светски фудбалер Лионел Меси полека се буди и наликува на оној стариот, кој постигнуваше погодоци како од „шала“.


Минатата година постигна 41 погодок во 46 натпревари што според Меси е поразителен ефект за неговите перформанси.

– Сакам што побрзо да се вратам во најдобрата форма. Знам и свесен сум дека минатата година не беше толку добра. Имав многу проблеми на теренот и надвор од него. Во новата година влегов со голем предизвик. Да ја променам сликата која ја оставив минатата година и да бидам оној стариот Меси. – рече Аргентинецот.

2015 година почна со пораз од Реал Сосиедад, а од тогаш каталонците нанижаа 11 победи во сите конкуренции.

– Моментално сме во добра форма. Година не ни почна најдобро, но пак од тогаш работите се развиваат во позитивна насока. Екипата има голема самодоверба, го променивме и ставот и затоа играме многу подобро, но има уште многу до крајот на сезоната. – истакна Меси.

Најголем тест за добрите резултати и атмосферата Барселона ќе има во двомечот со Манчестер Сити во 1/8 финалето до Лигата на шампиони.

– Очекувам тежок дуел бидејќи нашиот противник има инзводредни фудбалери во својот состав. Нивната и нашата цел се совпаѓа, а тоа е пласманот во 1/4 финалето и затоа ќе биде многу повеќе од двомеч во ЛШ. Сити се засили на неколку позиции од минатата сезона и мислам дека детали ќе одлучуваат за севкупниот победник. – заклучи Меси.

Првиот натпревар од осминафиналниот дуел се игра на „Етихад“ на 24 февруари додека реваншот две седмици подоцна на Ноу Камп.

Мх.П.