Екипата на Металург запиша нови три бодови на табелата во плејофот од Супер лигата, совладувајќи го Охрид со 28-24 (15-11), во рамките од 11-та рунда во Супер лигата.

„Металурзите“ со триумфот во Автокоманда им се реваншираа на „гладијаторите“ за поразот од СРЦ „Билјанини Извори“ и комплетно се вратија во битката за топ 4 на табелата.

Домашниот состав во втората половина од првиот дел се одлепи на семафорот и обезбеди солидна разлика од четири погодоци после 30 минути игра. „Гладијаторите“ добро го отворија вториот дел и со серија од 3-0 се вратија на минус еден (15-14). Металург во следните десеттина минути максимално ги искористи грешките во напад на охридскиот тим и не само што ја врати предноста, туку ја зголеми на плус девет 25-17. Охриѓани со добар финиш кога шанса добија младите ракометари ја намалија резултатската негатива и претрпеа пораз 28-24.

Во следната 12-та рунда која ќе се одигра в среда, Охрид, на домашен терен ќе го пречека Еурофарм Пелистер 2.

OhridNews