Контраверзното делење на судиската правда на мечот од СЕХА лигата меѓу Нексе и Металруг ги натера челните луѓе на клубот на размислувања да го напуштат натпреварувањето. Како последна опомена клубот испрати писмо потпишано од претседателот Ристо Чокрев, до претседателот на СЕХА лига, г-нот Санди Шола, и комесарот на лигата, г-нот Драган Начевски. 

Во реакцијата стои: 
“РК Металург како еден од клубовите учесници во СЕХА лига, воедно и еден од главните заговорници на оваа лига сака да го информира претседателот на лигата и комесарот на истата, дека срамното судење на судиите Мошорински и Панџиќ од Нови Сад на натпреварот РК Нексе и РК Металург ја прели чашата на трпението и толеранцијата од катастрофалното судење во оваа лига (чест на поедини парови).       
Во исклучително неповолни услови при патувањето нашиот тим успеа да стигне до Нашице и беше спремен да одигра коректен натпревар со екипата на Нексе. Меѓутоа убавата ракометна претстава ја расипаа двајца луѓе кои во ракометот гледаат само извор за своја заработка, а не како спортска игра на два спортски противници.    
Првото полувреме помина во доминација на домашниот тим и тука нема никаква замерка. Во второто полувреме кога нашата екипа заигра подобро, го изедначи резултатот а наскоро и поведе, на сцена стапија “режисерите“ со своето безобразно и тенденциозно судење.
Делеа картони и казни, одземаа топка за прекршоци што само тие ги видоа, а за да го сочуват авторитетот го користеа и црвениот картон. За поголема иронија директен црвен картон доби нашиот играч со број 13, Филип Миркуловски, кој во кариерата (а има богата ракометна кариера) никогаш нема добиено нити усмена опомена за приговор. На другата страна се толерираше се. Како ова не би биле зборови на очајник и екипа која загуби натпревар па бара алиби, Ве молиме да го погледате видео материјалот од овој натпревар.
После сето ова останавме и без двајца играчи и тоа најмногу благодарејќи на гореспоменатите господа кои не ги заштитија ракометарите од грубите стартови. После се (додека го пишуваме ова сеуште сме в автобус по со снег завеаните балкански патишта) ние во управата на Металург се прашуваме дали има смисол да продолжиме со настапите во ваква лига. Ве информираме дека сериозно ќе го преиспитаме нашиот настап во СЕХА лига.“
Оhridnews