Познатиот професор по виолина, раководител на КУД „Ѓердан„ и хорот „Распеано ѓерданче“, Методија Баракоски- Менде, денес, ја промовира својата збирка песни „Ѓердан од распеани ноти“. Во збирката се содржани повеќе од 70 песни, чиј композитор, а на поголем дел од нив и автор и аранжер е токму Баракоски.
За неговото досегашно творештво и однос со учениците зборуваше неговата некогашна ученичка Марина Чадо, познат виолинист и сопственик на приватно музичко училиште.
– Баракоски е еден од најистакнатите луѓе од културниот и музичкиот живот во Охрид. Целиот свој работен век го посвети на најмладите таленти во нашиот град. Ја имав таа среќа да бидат негова ученичка. Тој магично ги заразуваше своите ученици со музика. Неговиот пристап секогаш беше свеж и необичен и со секое дете знаеше да направи извонреден контакт, така да ние учениците него повеќе го сакавме од виолината, рече Чадо.
Промоторот на книгата, м-р Милчо Јованоски, потенцира дека Баракоски особено воодушевува со својата ведрина, трудољубивост, енергичност и тоа што во третото доба успева да биде креативен и ослободен од сите стеги на животот.
– Тој и виолината, тој и синтисајзерот, во просториите на „Ѓердан“ каде се раѓаат мелодиите, а и текстовите. Така настана и оваа збирка песни и стихови, најчесто наменски пишувани кои поголемиот број станаа хитови меѓу најмладите и се пренесуваат од генерација на генерација. Менде пишува за големите христијански празници Божик и Велигден, за мајката, другарите, Охрид и езерото, рече Јованоски.
Авторот на збирката, потенцира дека песните во збирката кои се дел од него, се подарок за најмладите и изрази надеж дека тие ќе живеат и ќе се пеат и понатаму од идните генерации.
Т.К.