Македонија се наоѓа на крстосница, а секогаш ваквите мигови бараат сериозни одлуки од кој зависи иднината на нашата татковина, исакна лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски на конвенцијата што се одржува денеска во Струга, на која партијата избира кандидат за претседател на Државата.

На Македонија и е потребна надеж, светлина, демонстрација на тоа дека може поинаку, и дека не е се загубено. Го земам бајракот, бајракот со сите еден од вас, подеднакво како и вас, до вас и со вас, и ви велам, ќе победиме. Ве гледам во очи исправен овде пред вас и ви велам , ќе победи честита Македонија ќе победи ВМРО-ДПМНЕ! – рече Мицкоски пред партиските делегати.

Тој истакна дека Македонија нема повеќе време за губење, и кажа каков треба да биде кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ треба да избере човек кој ќе биде претседател на сите граѓани, и кој ќе води бестрашно, непоколебливо и кој ќе работи за Македонија. Потребно е и искуство, животно и професионално, кој ќе биде гаранција за квалитетот во носењето на одлуки. Човек кој ќе се обврзе да го почитува уставот и законите во време кога Уставот е нападнат кој ќе ги почитува традициите од кои произлегуваме, комитите илинденците партизаните-асномците, и оние кои се изборија и го исклесаа референдумот на 8 септември, и сето тоа ни треба денес во време кога се газат целите и каузата за која тие живеа и се залагаа. Ни треба личност која ќе ја почитува волјата на народот во време кога гласот на народот е игнориран и запоставуван како што тоа беше со последниот Референдум на 30 септември минатата година. Избираме личност која ќе даде динамика и импулс на процесите кон Европската Унија кон која се стремиме, и која ја гледам пред се како систем на стандарди кои мора да се постигнат за да нашиот народ живее подобро. Претседател на сите, кој ќе допре до сите, и секогаш кога било кој од граѓаните ќе се чувствува ранливо и обесправено, несигурно, ќе рече јас имам свој претседател на Република Македонија. Да избереме личност која никогаш порано не ја разочарала својата земја, и која е честит, праведен, која ќе обединува и која ќе води во овие тешки моменти. Кој ќе биде компромисен во политиката, но и без компромисен заштитник кога се во прашање принципите, вредностите и интересите на сите граѓани. И сето ова за да ја вратиме правната држава, да се избориме за честита Македонија. – истакна Мицксоки.

Тој ги повика делегатите да ја донесатнајдобрата одлука како за партијата, така и за државата. Според него претстојните избори ќе бидат жолтиот картон за Зоран Заев и СДСМ, пред да се даде црвениот.

Ова не е финалната битка, но исходот од нив ќе значи многу за крајниот резултат на сето ова. И СДСМ и Зоран Заев затоа избега од парламентарните избори, тие имаат истите анкети како и ние, на кои губат, убедливо и вртоглаво губат, затоа што се повеќе го чувствуваат силниот револт на граѓаните кој не е само поради промената на името и идентитетот, туку и поради се потешкиот живот и неправдите. Избегаа од избори за да си купат некој месец повеќе, иако лажно се удираа во гради и храбреа. Ја знаат вистината дека народот ќе ги поразеше на парламентарни, а и ние на такви едни избори ќе имавме механизми преку техничката влада за да спротивставиме на сите нерегуларности кои ни се случуваа на минатите изборни соочувања но и на референдумот. – додаде Мицкоски.

На конвенцијата ќе се избира меѓу деветмината пријавени кандидати, а најмногу шанси им се дава на пратеникот Влатко Ѓорчев и професорката Гордана Силјаноска Давкова.

За да е избран во првиот круг, еден од кандидатите треба да добие најмалку 184 гласа, односно, една третина од вкупниот број. Во спротивно, се организира втор круг со првите двајца, во кој победува оној со најголем број гласови.

OhridNews