Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска побара формирање експертска влада, а кога ќе се создадат здравствени услови да се организираат парламентарни избори. Според Мицкоски, тоа би можело да се случи заедно со локалните избори на пролет.
Мицкоски во интервју во емисијата „Студио 10” на ТВ 24 зборуваше за политиките на актуелната Влада предводена од преммиерот Зоран Заев, како и за спорните решенија околу договорот со Република Бугарија.
Заев, според лидерот на опозициската партија, долг период ги убедувал граѓаните дека тој не разговарал за идентитетот, односно дека воопшто не се разговарало на таа тема поради тоа што македонските претставници одбивале да го стават на маса предлогот за какво било идентитетско разобличување.
Ќе бевме среќни доколку беше вистина она што тогаш Зоран Заев го кажа, но за жал после само два дена самиот се демантираше. Во едно негово гостување во радио програма, самиот тој призна дека идентитетот бил предмет на разговор на т.н преговори со бугарската дипломатија. Самиот тој кажа дека веќе нема да можеме да ја користиме придавката “македонски”, што претставува голем пораз за нас како држава и нација, вели Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со таквиот пристап кон решавањето на проблемите во однос на договорот со Република Бугарија, и токму поради тоа подава рака за национален спас.
Мора да се формира влада за национален спас која заеднички ќе изгради несоборливи црвени линии кои ќе бидат штитот на македонскиот идентитет, кажа Мицкоски.
Лидерот на опозициската партија исто така побара усвојување на Меморандум во Собранието во однос на идентитетските прашања.
OhridNews