„Диригентот диригира како оркестарот да свири“, е коментарот на претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за изјавата на премиерот Оливер Спасовски кој изјави дека очекува изборната кампања да биде една од „највалканите” досега.

  • Доколку тој не е способен за ова на што се нафатил, а очигледно не е способен да ја менаџира во вистинска насока оваа работа, тогаш ќе има валкана кампања и да, подготвени сме да одговориме на нивните валкани игри до крај. Така да тој предизвик го прифаќам и ќе одиме до крај, рече Мицкоски кој денес е во посета на Охрид.

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, ги отфрли информациите дека на пратеничките листи за претстојните парламентарни избори нема да се најдат имиња на досегашни пратеници.

  • Пратеничките листи набргу ќе бидат познати. Имињата на носителите ќе ги објавиме меѓу 1-ви и 5-ти март, а околу 10 март ќе бидат објавени и пратеничките листи и јавноста ќе дознае кои од досегашните пратеници ќе бидат дел од новиот парламентарен состав. Ќе има и многу нови лица кои ќе се најдат на листите, рече Мицкоски.

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски е во еднодневна работна посета на Охрид, при што оствари средби со менаџментот на фирмите ОДВ Електрик и Еко Шпар.

Како што изјави Мицкоски, на средбите се разговарало за понатамошниот развој на компаниите и проблемите со кои се соочуваат, пред се недостатокот од квалитетна работна сила поради иселувањето. Од страна на Мицкоски на менаџерите од двете охридски компании, им  биле презентирани предвидените економски политики на ВМРО ДПМНЕ, во делот на враќање на рамниот данок и целосното укинување на прогресивното одданочување, како и за царинските давачки.

Еднодневната посета на Мицкоски во Охрид ќе заврши со состанок со раководството на општинскиот комитет на партијата и со комитска вечер.

OhridNews