Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски присуствуваше во струшкото село Ташмаруништа по повод празникот Илинден од каде повика на обединување против актуелната власт, потенцирајќи дека треба да го вратиме изгубеното и да создаваме иднина.

Нашата љубов кон Македонија не значи омраза кон некој друг туку подадена рака кон секого заеднички да се бориме против власта која носи проблеми кои се исти за сите, впрочем патриотизмот не значи национализам, рече во обраќањето пред присутните Мицкоски.

Најдобриот одговор на сето ова е обединувањето. Затоа колку тие ќе се обидуваат да фрагментираат, да не поделат ние треба да се обединиме. И тоа обединување да е на една принципиелна основа каде подаваме рака кон секому на кој Македонија му е на прво место и секоја друга наша разлика е помала од оваа наша појдовна основа и мотив. Затоа одговорот на поделеноста е обединувањето, национално, политички. Обединети партии, здруженија, синдикати, поединци и организации, сите против власта. Сите против оние кои ја одземаат колективната среќа и иднина. Обединување заосновано на нашиот сон за Македонија, рече Мицкоски.

Да го вратиме изгубеното и да создаваме иднина, порача Мицкоски додавајќи дека сето ова е можно, како што направиле и илинденците кои не се откажаа од нивниот сон.

Да не дозволиме инсталациите на власта, тие лакеи во форма на полусвет да не поделат и фрагментираат.  Излезот се избори и мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во парламентот како гаранција дека Македонија ќе го врати загубеното. А колку реално им значи народот се гледа по тоа колку прифаќаат да го чујат неговото мислење. Референдумот за отфрлање на асимилацијата која тие ја прифатија, е добра можност оваа елита да покаже колку го вреднува ставот на народот дури и тогаш кога поинаку мисли од него. Бегството од референдум на владата е бегство од народот и доказ за тоа колку големо предавство прават на својата земја и на својот народ. Јавно повикувам да поддржиме референдум, сите заедно да повикаме и на народот да му дадеме шанса да донесе одлука, рече Мицкоски.

Сакам народот да биде спокоен, додаде, без оглед на тоа што ќе смисли оваа власт како опструкција или отпор за референдумот, гаранцијата, блокадата на уставните измени од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата останува.

 

И не заборавајте, имаше прв, имаше втор Илинден, третиот Илинден беше 8 Септември 91та, да се избориме за уште еден нов Илинден каде ќе имаме победа на Македонија над сите неправди, инсталации, и сили кои не влечат надоле.  Илинден не учи дека нема откажување и дека борбата е константа, а љубовта кон татковината најголема сила. Затоа и Македонија ќе победи и ќе одиме напред. Пламенот е разгорен, промените ќе се случат, додаде Мицкоски.

Првиот Илинден е светол, рече, иако Крушевската Република беше крваво задушена, а неуспехот да се ослободиме беше страдањето кое Македонците го прифатија и се носеа со него затоа што не престанаа да веруваат, додаде Мицкоски.

OhridNews