Прво ни го вложија името со времената референца, па го вложија државното знаме, па дојде на ред новата територијалната поделба, па сега од нас бараат да вложиме се што ни преостана и на што недвојбено полагаме на тоа суверено право: Уставот, идентитетот, името, нашите сонародници од соседните држави. Влогот е се поголем и поголем, а тоа нивно подобро утре никако нема да дојде, брутална лага, дрскост и ароганција. Ова го истакна лидеот на ВМРО ДПМНЕ на собирот на граѓани што се одржа денескаво Штип.
Тој силно ги критикуваше политиките на премиерот и владата преводена од СДСМ.
- Не можам, а да не го споделам впечатокот дека секогаш кога СДСМ ја има власта, Македонија ја има се помалку, без некој атрибут, без некое право, без некоја гордост. По кој знае кој пат една безмалку иста група на отуѓени луѓе, кои веројатно себе си се доживуваат како посебни, а сите други како далеку под нив, успеваат со непристојни додворувања и ставајќи ја како влог сопствената држава и нација, небаре е на татко им, да се изборат за позиција, да се дофатат по било која цена до власт, за да продолжат непречено да уживаат во своите привилегии, кои тие ги сметаат за наследни. Не барам да ми верувате, не барам да ми верувате на зборот, барам да погледнете околу вас – за само година ипол на власт арогантно и експлоататорски разграбаа се што можеа, тендери, бизниси, договори во четири очи, илјадници, милиони ваши пари евра завршуваа безмислосно во нивните џебови, а на нас ни оставија, на народот му оставија да ја плати цената за нивната алчност во вид на платформи и договори кои се надвор од Устав, закон и народна волја. – рече Мицкоски.
Мицкоски ги повика граѓаните да бидат внимателни на 30 септември.
- ВМРО-ДПМНЕ, почитувајќи ги своите вредности на индивидуална слобода и демократско поведение одлучи да остави на граѓаните на оваа држава да постапат на 30-ти септември по своја слободна волја и убедување! Тоа значи, дека ние нема да наметнуваме партиска агенда, туку ќе учествуваме во дебатата исклучиво презентирајќи факти и аргументи кои сме длабоко убедени дека се на наша страна. Ова ќе го направиме затоа што сметаме дека за национално прашање, како што е менување на името на државата мора да одлучува нацијата. Улогата на партиите во овој случај е да му ги објаснат на народот фактите и последиците, добрите и лошите страни… Во тој процес, партиите имаат должност да ги презентираат фактите такви какви што се и имаат уште поголема обврска да не спинуваат вакви суштински прашања. – истакна Мицкоски.
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ јавно го повика Зоран Заев на дебата, на било која телевизија, додавајќи дека ќе дојде ден кога ќе се постави прашањето за одговорност за се што сега се случува.
OhridNews