Годината што ја испраќаме не беше лесна, таа беше година на сериозни предизвици, година во која државата мораше прво да застане на нозе. После долг период на нестабилност, несигурност и на разнишани институции, беше неопходно да се направи стабилизација и консолидација. Реформите што ги отпочнавме не се козметички. Тие се длабински и суштински. Таквите реформи бараат време, но тие се предуслов за функционална држава и здраво општество. Свесни сме дека за граѓаните најважно е како тоа се чувствува во секојдневниот живот, вели во новогодишното обраќање премиерот Христијан Мицкоски.

Со право можам да кажам дека 2026 година ќе биде година на раздвижување и година на преобразба! Година на раст, со реализација на значајни инфраструктурни проекти. Година на економско зајакнување, со нови инвестиции, поддршка за стопанството и отварање можности за работа и развој. Година на вкупна преобразба на Македонија! Година на надеж, но и на голема обврска! Обврска да се испорачаат резултати! Обврска да се оправда довербата од граѓаните. Обврска да се продолжи по патот на реформи, развој и стабилност!

На сите ви посакувам здравје, мир и сила!

Да влеземе во 2026 година со верба дека напорната работа ќе се исплати и дека Македонија ја движиме во вистинската насока. Среќна нова година!, вели премиерот Мицкоски.

OhridNews