Двократниот европски шампион со ново име Вардар 1961 и нов претседател Михајло Михајловски ќе ја започне новата ера.

Паричниот влог и основната главнина е 25.000 евра, а Михајло Михајловски и службено е регистриран за генерален менаџер на црвено-црните. Бизнисменот претходно најави дека ќе донесе во клубот партнери-помагатели, па така претседател на Одборот на директори е Бојан Јанев, додека неизвршен член на истиот е Благоја Лазаревски.

Најголемиот македонски спортски бренд ја менува сопственичката структура по заминувањето на стариот сопственик Сергеј Самсоненко, со кој новиот претседател Михајловски рече дека веќе се расчистени сметките и дека Вардар се превзема без долгови и започнува од нула.

Сега сме во фаза на предлог-договор и би требало најкасно до 1 јуни да се преземе клубот. Клубот ќе биде преземен без долгови, Сергеј ќе си ги регулира претходните долгови на играчите. Јас веќе имав состанок со играчите и кажано им е дека ќе сториме се за да привлечеме партнери кои ќе ни помогнат да го одржиме клубот на високо ниво. – рече претходно Михајловски.

Бизнисменот го менаџираше Вардар речиси две децении пред да го превземе Самсоненко, а беше прогласен и за почесен претседател. Тимот ќе има целосно изменет лик следната сезона, ќе се потпре на млади засилувања. Сите ракометари кои пристигнаа се помлади од 25 години, нешто што не беше случај во претходните преодни рокови, кога главно Самсоненко ангажираше проверени имиња и големи ѕвезди.

OhridNews