Граѓанско Демократска Унија (ГДУ), на денес одржаната прес конференција го промовира својот кандидат за градоначалник на претстојните локални избори, Михаил Трендафилов Нанче кој изрази задоволство што е кандидат на партија, како што рече, без хипотеки од минатото, составена од млади луѓе кои се авангарда и иднина на Македонија.

  • Време е дефинитивно да изградиме општество на рамноправни луѓе, ослободено од секаков вид  на измами. Општество спремно за културен натпревар, унија, па нели се стремиме кон ЕУ! Дури не изградиме наша унија, додека не сфатиме дека заедно сме посилни, дури не изградиме среќен дом, нема што да бараме во Европа. Наша цел е да ги обединиме сите прогресивни сили, посебно од СДСМ и ВМРО, да им се даде црвен картон на ретроградните во нивните редови и да излеземе од овој жив песок. Да почнеме од Охрид. Премногу утопистичко, но тоа сум јас. Се почнува од невидливото, од мислата, па ајде, рече Трендафилов.

Михаил Трендафилов додаде дека основната причина да влезе во трката за градоначалничкото место во општина Охрид е тоа што СДСМ и ДУИ се договориле за Охрид, во стилот „јас на тебе минаре-ти на мене гласови“ и сето тоа со молчелива согласност на ВМРО-ДПМНЕ.

  • Институциите се посрамотија, но ако бидам избран, јас ќе се борам за доследна примена на законите“, рече Трендафилов.

Кандидатурата на Трендафилов беше претставена во новите простории на локалниот клуб на партијата во Охрид. Како што истакна претседателот на партијата, Петар Колев, основна цел на ГДУ е фундаментана промена на општеството како заедница на слободни и одговорни индивидуи кои се суверени и еднакви пред Уставот и Законите на Република Македонија. Во својот говор тој се осврна на главните проблеми со кои се соочува Охрид. Меѓу нив, презадолженоста и иселувањето на младите како резултат на недомаќинското работење на сите досегашни локални власти без исклучок, проблемот со колекторскиот систем, урбаната мафија.

  • Иако веќе некако можеби се помиривме со незаконските градби на згради, хотели и слично, стигнавме до незаконски градби и врз културни, историски и верски објекти кои се заштитени најстрого со закон. Некој упорно газејќи го законот сака да го смени обликот на градот и да предизвика верска нетрпеливост. Ова е одговорност како на институциите така и на досегашните први луѓе на Охрид. Ние како ГДУ сме убедени дека вистината ќе не направи слободни, ние мораме да ја погледнеме вистината во очи, да ги прецизираме и констатираме проблемите за да најдеме решение за нив, потенцира претседателот Колев кој ги повика охриѓани да го поддржат кандидатот на ГДУ, како што рече, човекот што ќе го врати сјајот и достоинството на Охрид.

„Како партија сме ориентирани од центар кон десно и сме во соработка со групацијата на Европските конзервативци и реформатори. Целта ни е да да бидеме поблиску до нашите сограѓани да ги слушнеме нивните предлози, видувања, проблеми, но и да бидеме во директна комуникација, потенцира претседателот на локалниот клуб на ГДУ, Крсте Ристески.

  • Тежнееме да ја организираме власта и моќта на власта и функционерите и да го издигнеме граѓанинот со сите негови потреби како фундамент на општеството. Веруваме дека нашите идеи се единствената алтернатива. Злото има име, а тоа е двоецот ДПМНЕ-СДСМ. Ќе се бориме од градот Охрид и од охриѓани да направиме слободни и горди граѓани, каде секој поединец ќе биде господар на своето време. Време е како граѓани да ја пензионираме оваа квази демократија која ни се сервира 28 години од двете најголеми сестрински партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, истакна Ристески.

Партијата Граѓанско Демократска Унија (ГДУ) е првата која промовира кандидат за градоначалник на Охрид.

OhridNews