На директорот од ЈП Охридски комуналец се обидовме да му објасниме што значи автоклавирање и дека по тој процес медицинскиот отпад станува комунален. За илустрација, со процесот на автоклавирање се третираат и хируршките помагала и инструменти кои потоа се користат при хируршките зафати, рече на денешната прес- конференција, директорот на Центарот за јавно здравје, Атанаско Михаилов.

Тој побара директорот на ЈП Комуналец да одговори зошто во изминатите години за подигање на медицинскиот отпад од здравствените институции, претпријатието наплаќа двојно повисока цена и според кои законски прописи и каде го депонира овој вид отпад.

Михаилов рече дека ноторна лага е дека Центарот за јавно здравје има долгови кон ЈП Комуналец.

–    Сите сметки доставени од ЈП Комуналец до центарот се платени и најодговорно тврдам дека центарот не должи ниту еден денар на ниту една фирма во земјва и надвор од неа, рече Михаилов.

Во врска со вакцинирањето на вработените во ЈП Охридски комуналец, Михаилов потенцира дека последен пат по барање на јавното претпријатие 45 вработени биле вакцинирани во 2007 година.

Барање од ЈП Комуналец за вакцинирање на вработените немаме добиено. За тоа да се изврши потребно е претпријатието да достави барање во кое ќе биде наведен бројот на лица кои треба да се вакцинираат. Согласно тоа ние праќаме барање до добавувачот и во рок од два дена би ги набавиле потребните вакцини. Во неколку наврати од наша страна беше опоменувано претпријатието да изврши вакцинација на вработените, но беше одговарано дека по консултација со директорот ќе биде кажано кога и колкав број лица ќе се вакцинираат. Секој кој работи со комунален отпад не смее ниту еден ден да работи без да биде вакциниран, затоа што може да дојде до тешки заболувања како што се цревен тифус и тетанус. Вработените сега веќе две години не се заштитени по пат на вакцинирање , изјави Михаилов.

Тој рече дека за последното вакцинирање на вработените во ЈП Комуналец, од страна на јавното претпријатие парите се плаќале во период од четири години, пари кои центарот морал да му ги плати на добавувачот од својот буџет, за што добиле и опоменување од страна на надлежните.

OhridNews

.