Остручување на адвокатите и нивен поголем придонес кон реализиција на новите реформски закони што се носат, се меѓу приоритетите на новиот  претседател на Адвокатската комора на Македонија,  Љубомир Михајловски Џанго, кој беше избран синоќа на собранието во Струга.

Како што потенцира Михајловски во својата изјава по изборот, Македонија располага со стручна фела која на владата и државата може да и помогне во реализирањето на овие цели, како и да придонесе кон економско јакнење, технички и просторни унапредувања на комората и земање на активно учество во меѓународните средби со цел популаризирање на работата на адвокатите во Македонија.

Голема беше поддршката, очекувам и понатаму да ја имам, не во одобрување на тоа што ќе го осмисли Управниот одбор или претседателот, туку адвокатите да имаат активно учество со свои идеи и насоки се со цел да можеме да ја унапредиме адвокатурата во Македонија. Адвокатската комора треба да придонесува за враќање на довербата на адвокатите, изјави Михајловски.

Тој потенцира дека Комората не смее да потпадне под влијание на политиката и дека треба да е независна институција чија независност е гарантирана со Уставот.

Имаме многу случаи каде еден адвокат брани одредени странки коишто го инволвираат во политика, но неосновано го инволвираат затоа што кај нас народот е склон да ете така според клиентите ги цени адвокатите. Адвокатот е тој кој застапува лица и работи професионално, денес се едни странки, утре други и не треба да се поврзуваат со политиката, вели новиот претседател на Адвокатската комора на Македонија.

Михајловски на чело на комората ќе го наследи Никола Додевски, кој ја извршуваше претседателската функција 5,5 години, а на јавноста и беше познат и како бранител на поранешниот премиер Груевски во случаите на СЈО до минатата година.

На редовното годишно собрание во Струга на кое беше одбележана 73-годишнината од постоењето, Адвокатската комора за заменици на Михајловски ги избра Јелена Ристиќ и Бесим Реџепи.

OhridNews