Бремените жени кои примаат социјална помош, минимална плата или се невработени, нема да плаќаат партиципација за микробиолошки брисеви во рамки на предвидените прегледи за време на бременост, најави министерот за здравство, Никола Тодоров.

Како што денеска нагласи ресорниот министер, мерката е дел од Програмата за мајки и деца која е изменета во однос на програмите изминатите години, а согласно проценките станува збор за околу 6.000 бремени жени годишно кои ќе бидат опфатени со оваа програма за можност за бесплатни брисеви.

Бремените жени кои ќе сакаат да ја искористат оваа мерка потребно е да достават потврда дека се невработени од Агенцијата за вработување, доказ дека се приматели на социјална помош од центрите за социјална работа или потврда дека примаат минимална плата.

Микробиолошките брисеви кои ги зема матичниот гинеколог, бремените жени треба да ги достават до Институтот за јавно здравје, Институтот за микробиологија или во десетте центри за јавно здравје низ државата.

OhridNews