Микрочипирањето на домашни миленици е безболно, информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство која вчера и официјално ја започна кампањата за бесплатно микрочипирање.

Оттаму, објаснуваат дека микрочипот се аплицира во пределот меѓу плешките. Микрочипот е мал електронски уред, како зрно ориз. Содржи информации за сопственикот на миленикот, расата на кучето, полот, за тоа дали е вакцинирано и кога е третирано со средство против паразити. Овие податоци во вид на низа од бројки, се внесуваат во електронски систем од каде се веднаш и брзо достапни.

Во пакувањето, заедно со микрочипот има и налепница со соодветното бројче (како онаа на микрочипот) која се става во пасошот на миленикот.

Микрочипот не е разградлив, но не е ниту од материјал што на каков било начин може да го изиритира организмот на животните. Содржи бројче и преку него практично се обезбедуваат основните податоци на миленикот што овозможува негово следење. Ако случајно се изгуби, неговиот сопственик може веднаш да се лоцира, да се пронајде и да му се врати. Исто така, ветеринарната струка на овој начин, ќе знае колку животни има.

Од агенцијата апелираат за подигнување на свеста кај луѓето што чуваат миленици за одговорно сопствеништво. За бесплатното микрочипирање се склучени договори со речиси сите ветеринарни друштва во Македонија, вкупно 135, за да можат сопствениците на миленици сами да одберат каде ќе однесат своето маче или куче.

OhridNews