Сопствениците на компанијата “Кимико“ од Струга, браќата Димитар и Георги Миладинови, сметаат дека во последните четири месеци одредени медиуми водат смислена кампања против компанијата, поради што тие денеска на прес конференција јавно проговорија за нивниот бизнис, проблемите во работењето и атакот што неодамна се случи врз нивната семејна куќа.
Според Димитар Миладинов, неодамнешниот инцидент кога беше пукано во куќата на Миладинови во Струга не е поврзан со “Кимико“. “Сметаме дека нема поврзаност и дека се работи за случајност или можеби за инцидент кој е предизвикан од некој пијан човек и очекуваме полицијата да го расветли случајот“, рече Димитар Миладинов.

Според Миладинови нема ништо спорно во договорот со МПЦ, околу хотелот “Изгрев“ кој како што беше речено, сега е во целосна сопственост на компанијата Миладинови, која ќе одлучи дали ќе го заложи хотелот под хипотека или што друго ќе стори со него. Како што беше појаснето намерата на фирмата “Миладинови“ која сега управува со хотелот е тој да прерасне во регионален центар за рехабилитација.












