Големиот виртуоз на виолина со светско реноме, Стефан Миленковиќ од Србија вечерва ќе одржи концерт во рамките на фестивалот „Охридско лето“ заедно со неговиот колега, пијанистот Владимир Милошевиќ. Како што истакна директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, станува збор за уметник кој е миленик на сите генерации и кој секогаш и’ приредува на публиката концерти за паметење.
Стефан Миленковиќ во Србија ги носи титулите за Уметник на векот, Најхумана личност, Личност на годината и е еден од најпознатите уметници кој гради кариера на сцените во светот. Како еден од најталентираните уметници од овие простори, Стефан Миленковиќ повеќе пати настапува на најпрестижните концертни подиуми во светот, солистички или со бројни оркестри под диригентските палки на Сер Невил Маринер, Лорин Мазел, Владиимир Федосејев и Даниел Орен. Убедена сум дека утрешниот концерт ќе се запише во листата најдобри концерти во фестивалската историја на Охридско лето. Стефан Миленковиќ ќе настапи заедно со Владимир Милошевиќ кој важи за еден од најистакнатите српски пијанисти на неговата генерација. –, рече Поповиќ.

Се надеваме дека концертот утревечер ќе и се допадне на публиката бидејќи се работи за атрактивна програма. Ќе има од се’ по малку. Сите дела со кои ќе настапиме се многу важни. Ќе почнеме со бетовеновата Соната број 1, неговата прва соната со многу енергија, ремек дело зашто тој не објавувал ништо што не е совршено подготвено. Потоа ќе има еден балет, „Бакнежот на самовилата“ од Игор Стравински. Од него е направена свита во кусо издание од 20-тина минути. Во вториот дел започнуваме со македонска премиера, дела на италијанскиот композитор Никола Кампогранде со едно дело што го напишал по примерок на Паганини, поточно инпирирано од Паганини, а изведено на современ начин на виолина и пијано. Потоа ќе следува делото „Легенда“ од полскиот композитор Хенрик Виењавски. На крајот ќе отсвириме валц-скерцо од Петар Илич Чајковски. – најави српскиот виртуоз на виолина Стефан Миленковиќ, не откривајќи какво изнедаување подготвува за публиката што вечерва ќе го следи нивниот настап.

„Охридско лето“ е еден од најзначајните фестивали во овој дел од Европа, и токму поради тоа, голема е честа да се настапи овде. Секоја година ја следам програмата преку интернет, и се радувам што има одлични концерти и фантастични уметници. – рече Милошевиќ.

OhridNews
					



							






