Министерот за локална самоуправа Горан Милевски смета дека нема простор за одложување на пописот и оти сите треба да покажат максимална посветеност и одговорност оваа статистичка операција да се спроведе согласно стандардите на Еуростат, затоа што, како што вели, само така податоците ќе ни бидат од корист.
И покрај обидите за политизација на пописот уште пред да започне, секој добронамерник и одговорен граѓанин на оваа држава има обврска да го почитува законот и да овозможи пописот да се спроведе на најдобар можен начин, рече Милески на вчерашната средба што се одржа со градоначалниците во Собранието организирана од страна на Државен завод за статистика, наменета за Пописот на населението, домаќинствата и становите, 2021.
Според него согласно Законот, на единиците на локалната самоуправа им е дадена голема одговорност: обезбедување на простории за работа на комисиите на пописните реони, предлагање на членовите на пописните комисиите, а претседатели на комисиите ќе бидат секретарите на општините каде што е седиштето на пописниот реон.
Пред сите нас е огромна одговорност, затоа што како носители на високи јавни функции сме исклучително свесни што значи за една држава да нема спроведено попис 19 години. Да обезбедиме пристап до јавните услуги-здравство, образование, социјална заштита, за сите граѓани, да го планираме развојот и изградбата на комуналната и на социјалната инфраструктура согласно потребите, патишта, водоводи, училишта, детски градинки. Да создадеме услови бизнис заедницата да може да ги донесува одлуките врз основа на реални податоци за расположливите ресурси, порача Милевски.

Без овие документи овие средства ќе останат нереализирани со што губиме сите, а најмногу граѓаните. Компромисот беше да обезбедиме континуитет со подготовка на Стратегијата врз основа на податоците со кои што располагаме, а по пописот целосно да ја ажурираме. Го направивме тоа што моравме, затоа што имаме одговорности кои што произлегуваат од закон. Имаме одговорности и пред Европската Унија и донаторската заедница во користењето на нивните средства. Никој не ви дава да трошите средства ако преку прецизни индикатори не ја прикажете моменталната состојба и резултатот кој што сте се обврзале да го постигнете. И се доведуваме во ситуација да се објаснуваме и да бараме одложување, а главен аргумент ни е пописот за кој сме се обврзале дека ќе го спроведеме оваа година, рече Милевски.
Министерот порача дека е нужно што поскоро, преку успешно спроведен попис, државата да обезбеди објективни и целосни статистички податоци врз основа на кои што ќе го планира сопствениот развој и развојот на општините и на планските региони, а државата да има квалитетни податоци за поголема апсорбција на средства од ИПА инструментот на ЕУ и од други донатори.
Треба да покажеме дека сме организирана држава која што може да спроведе попис и да обезбеди бази на податоци без кои што не можеме да зборуваме за интеграција во Европската Унија, без кои не можеме да креираме одговорни политики како земја членка на НАТО. На секој разумен човек му е јасно дека натамошното одложување би било крајно неодговорно, а штетата огромна и ненадоместлива и за државата и за граѓаните. Ние не смееме да си го дозволиме тоа. Не ни е целта да се пребројуваме, туку да знаеме точно кој е потенцијалот на оваа држава, за да можеме да донесуваме рационални одлуки во интерес на сите граѓани, рече Милевски на средбата.
OhridNews












