Селекторот на македонската А репрезентација, Благоја Милевски и напаѓачот Александар Трајковски на официјална прес-конференција вчера ги споделија очекувањата за денешниот натпревар против Хрватска на стадионот „Рујевица“ во Ријека.

Сакаме да ги провериме сите играчи, за да видиме на кого можеме да сметаме во иднина. Се наоѓаме на крај на сезоната, но она кое го гледам во последните денови е дека сите се расположени да го дадат својот максимум. Кога играте за својата држава, мора да сте на повеќе од максимумот, така ќе биде и секогаш. Императив е да видиме до каде сме, во која насока и што треба да поправиме пред септемвриксиот циклус, порача Милевски.
Александар Трајковски, репрезентативец на Македонија изјави дека се подготвуваат максимално за предизвикот со Хрватска.
Очекувам еден добар натпревар, а подобриот нека победи. Секако дека Енис Барди, кој е преважен играч за нас, ќе ни недостасува во тимот, но јас се надевам дека секој играч кој ќе биде на теренот и ќе го замени на таа позиција, ќе го даде максимумот. Верувам во сите играчи во репрезентацијата. Доста од играчите во Хрватска ги познавам, се работи за врвни играчи и репрезентација. За нас ова ќе биде една одлична средба за да видиме до каде сме и да се подготвиме за циклусот во Лигата на нациите во септември, изјави Трајковски.
Натпреварот се игра со почеток во 19 часот.
OhridNews
Фото: ФФМ











