До крајот на оваа деценија на најатрактивниот дел од Охридското Езеро, во близина на Љубаништа, треба да никне еден од десетте најмодерни туристички ресорти во светот. Ќе го гради индиската компанија „Сахара Индија Паривар“ на милијардерот Субрата Рој, кој деновиве на лице место ги разгледуваше плановите за инвестицијата која се проценува на неколку стотици милиони евра. Планот кој и беше претставен на  јавноста, засега е само идејно решение кое според најавите е можно да претрпи одрдени измени. Тој предвидува изградба на суперлуксузен хотел – казино на вода, како и апартмани, вили, марини, голф терени и други пропратни објекти кои Охрид треба да го направат светска туристичка дестинација.

-Нашиот проект не е наменет само за локалното населние.  Овој голем проект е наменет за туристите од целиот свет кои очекуваме да доаѓаат тука, инаку нема смисол. Цел ни е да ги привлечеме туристите од Индија, Кина, Русија и Европа, на кои оваа дестинација ќе им биде блиска. Не очекувам голем број гости да дојдат од Канада и САД, но можеби и тие ќе доаѓаат. Што се однесува до влијанието врз економијата во Македонија, се уште е рано да  се говори какви ќе бидат ефектите, но имајќи ги предвид сегашните состојби дефинитивно можам да кажам дека овој проект неколкукратно ќе ја подобри националната економија. – изјави индискиот бизнисмен Субрата Рој.


Проектот ќе го реализира тим свестки познати проектанти и инженери кои ќе бидат сместени во хотелот „Славија“, кој сега е во сопственост на индискиот бизнисмен. Државата е убедена дека најавената инвестиција позитивно ќе се одрази не само на локалната, туку и на целокупната македонска економија.

-Се работи за голема инвестиција која ќе влијае на степенот на економија во Македонија додека се гради. Уште повеќе ќе значи за Охрид, бидејќи ќе ја продолжи сезоната на 365 дена во годината, но ќе значи и нови вработувања, повеќе бизис за охридското мало стопанство, за  рестораните, самопослугите и другите чинители на туризмот, како и ангажман на многу фирми кои заедно со странските ќе го градат проектот.-истакна вицепремиерот Зоран Ставрески.


За разлика од централната власт, локалната не е убедена дека проектот „Сахаријан Македонија“ ќе донесе позитивни економски ефекти, дотолку повеќе што општината и градоначалникот воопшто не биле информирани што точно ќе се гради во Љубаништа. Локалната самоуправа обвинува дека со прогласување на просторот на кој ќе се реализира најавената инвестиција за развојна туристичка зона се суспендираат правата како на општината, така и на граѓаните, но и на црквата.

-На повидок е нова национализација како во 1946 година. Најоштетени ќе бидат граѓаните и Македонската православна црква. Земјиштето ќе биде дадено на инвеститорот по 1 евро, а доколку граѓаните побараат обештетување тоа ќе мора да го направат по судски пат. Се прекршуваат и законите според кои се забранува секаква градба на оддалеченост до 50 метри од брегот на Охридското Езеро.-вели Симон Илиевски – портпарол на општина Охрид.


Министерот Ставрески уверува дека при реализација на проектот ќе бидат запазени законите. Тој истакна дека  е формиран експертски тим составен од претставници на државни институции кои заедно со тимот на „Сахара Индија Паривар“  ќе работаат на сите прашања поврзани со  реализација на проектот, влучително и на решавање на евентуалните имотно правни проблеми.

-Експертски тим ќе излезе на терен да го утврди опфатот на зоната на градење, дали има пречки или нема, по што ќе се пристапи кон решавање на имотно правните прашања согласно законите во Македонија.-појасни Ставрески.

Вицепремиерот уверува дека посебно внимание ќе биде посветено на заштитата на животната средина, прашање кое сериозно ги загрижува екологистите. Тие предупредуваат на можните последици од реализација на вака голем проект во строго заштитената зона на Охридското Езеро.

-Ние пред се го поздравуваме овој проект кој ќе реши доста економски проблеми, но сме против секаква градба на водената површина на Охридското Езеро. Циклусот на обновување на езерската вода е 70 години. Големите проекти се и потенцијална опасност од голема еколошка катастрофа, која доколку се случи прашање е колку генерации ќе оштетиме. А како што брзо се менува глобалната клима ова езеро за брзо време може да биде еден од ретките басени со питка вода во Европа.-предупреди Радован Димитриески од СРД „Св. Апостол Петар“.


Најавите за изгрдба на супер луксузен туристички комплекс во Љубаништа го свртеа вниманието и на УНЕСКО, под чија заштита се Охрид и Охридското Езеро. Централата на организацијата побарала објаснување од македонските власти и најавила постојана комуникација со Националната комисија на УНЕСКО во Македонија.

-Аспектот на заштита на животната средина и аспектот на УНЕСКО се најважни при изведба на овој проект. Македонската држава има континуирана комуникација со централата на УНЕСКО кој е известен  дека се прави ревизија на сите активности во проектот, дека секој чекор кој ќе се преземе ќе биде во корелација со УНЕСКО, и сето тоа би требало да обезбеди континуитет во заштитата на природното и културното наследство.-изјави Дејан Пановски, претставник на Министерството за животна средина во Националната комисија на УНЕСКО.


Милијардерот Субрата Рој уверува дека при изградбата на туристичкиот комплекс во Љубаништа ќе се води посебна грижа за заштитата на животната средина. Гаранција дека ќе бидат применети најсовремени методи при изградбата треба да се 43-те милијарди евра капитал на неговата компанија, за која неодамна светскиот печат пишуваше дека има сериозни проблеми со милиони клиенти во Индија, што според Субрата Рој не е вистина.

-Нема ништо такво. Нашата групација опслужува 19 милиони граѓани и во последните 24 години не е отворен ниту еден случај. Не би сакал да образложувам детали, но овде се работи за битка на дел од системот од политички причини. Ние сме лојална институција која ужива доверба не само кај граѓаните туку и кај инвеститорите и жал ми е доколку стигнале тука погрешни информации, но ве уверувам дека нема ништо од тоа што се зборува.-рече бизнисменот Рој.

Реализацијата на најавениот проект засега е само на хартија. Конкретните активности според најавите ќе започнат откако специјално формираните тимови на државата и компанијата „Сахаријан Индија Паривар“ ќе ги договорат сите детали и ќе го подготват теренот за милионската инвестиција, која целосно ќе го промени изгледот на Охрид и Охридското Езеро. Како, останува да се види.

Горан Момироски