Кошаркарскиот клуб Милвоки Бакс е нов шампион во НБА лигата. „Бакси“ во финалето го совладаа Феникс Санс со 4-2 победи, откако доцна синоќа, на домашен терен ја забележаа клучната четврта победа во серијата. Милвоки пред своите гледачи славеше со 105-98.

Херој на Милвоки беше Јанис Адетокумбо кој во вистински момент го одигра мечот на кариерата, постигнувајќи 50 поени, дополнети со 14 скокови и 2 асистенции. Очекувано, наградата за најкорисен кошаркар во финалната серија заврши кај Гркот Адетокумбо.

Што се однесува до мечот, Милвоки добро ја отвори првата четвртина и обезбеди предност од седум поени. „Сонцата“ во вториот квартал одиграа маестрално и не само што ја анулираа негативата, туку и го презедоа водството, поведувајќи со 47-42.

Милвоки во третата четвртина го изедначи резултатот и двете екипи со идентични бројки на семафорот влегоа во завршните дванаесет минути. Во четвртиот период, домашните кошаркари, за нијанса беа подобри и поефикасни во тензичната атмосфера и со 105-98 го решија мечот во своја корист, за втората НБА титула во историјата.

Милвоки на тронот се најдоа на местото од Лос Анџелес Лејкерс, кој минатата сезона триумфираше во НБА лигата.

OhridNews