Професионалноста не е она што го пишува во нашето работно решение. Професионалноста е она што граѓанинот го добива кога ќе влезе во институцијата. Ова го истакна министерот за јавна администрација, Горан Минчев, на денешните генерички обуки за административните службеници во Охрид, нагласувајќи дека суштината на реформата на јавната администрација не е само во промената на законите, туку во конкретната промена што граѓаните ќе ја почувствуваат преку поквалитетни услуги, поголема ефикасност и одговорни институции.

Нашата цел е институции кои нема да бидат пречка за граѓаните, туку нивна поддршка. Институции кои нема да го трошат времето на граѓаните, туку ќе го почитуваат, порача Минчев, посочувајќи дека професионалниот развој мора да стане траен и системски процес, достапен за секој административен службеник, независно од институцијата и местото каде што работи.
Во таа насока, Министерството интензивно работи на воспоставување на Академијата за стручно усовршување и обука на административните службеници, која ќе започне со работа на почетокот на 2027 година. Академијата ќе претставува нов институционален модел за континуирано учење, развој на компетенции и унапредување на професионалните стандарди.

Државата не е силна кога има голем број на институции, туку кога институциите имаат капацитет да им служат на граѓаните, истакна министерот, нагласувајќи дека реформата на јавната администрација е заедничка одговорност на сите институции и административни службеници.
OhridNews












