
Во образложението на одлуката се вели дека Советот на Општина Охрид, по повод одбележувањето на денот на раѓањето на знаменитиот охридски и македонски преродбеник, Григор Прличев, согласно Одлуката за востановување и доделување општински награди и признанија, го доделува признанието „Почесен граѓанин на Охрид“ на познатиот бизнисмен, вљубеник во Охрид и негов неуморен афирматор, МИНЧО Јорданов за исклучителните заслуги за афирмација на Охрид во Европа и Светот.
Во образложението на предлагачаот натаму стои:
„Минчо Јорданов, како бизнисмен, менаџер и политички истакната личност во меѓународни размери, со својата активност и љубов кон градот на Климента со години наназад, несебично и неуморно придонесува за афирмација на Охрид како духовен, стопански, културен, спортски и туристички центар на Македонија – пронесувајќи го на тој начин значењето на градот на УНЕСКО со сето негово културно- историско наследство и природни убавини.

Советот на општината, доделувајќи го Признанието „Почесен граѓанин на Охрид“ на г-дин Минчо Јорданов на скромен начин оддава признание за неговата несебична ангажираност во промовирањето на Охрид во Европа и светот во времето кога како вицепремиер во Владата на Македонија се залагаше да ги анимира потенцијалните инвеститори од светот да се заинтересираат и дојдат во Охрид. Својата љубов кон Охрид и желбата да го афирмира градот во меѓународни рамки, Минчо Јорданов ја потврдуваше и на тој начин што, со години наназад, своите бизнис-партнери и луге од политичкиот и јавниот живот од разни земји на светот, а особено оние европските, ги доведуваше токму во Охрид на работни средби, склучување деловни договори или одмор и дружење. Благодарение токму на таквата желба на г-динот Јорданов, многумина истакнати луге од светот го посетиле или за првпат го виделе Охрид , а ние сме стекнале нови пријатели во нив. Конечно, не е за потценување , туку напротив, од голема полза за градот е несебичната помош што Охрид и неговите претставници ја добиваат во странство, особено во Швајцарија каде авторитетот на Минчо Јорданов и неспорен како угледен и влијателен бизнисмен и сопственик на швајцарската „Дуферко“ односно кај нас познатата и успешна фирма „Макстил“. Токму за тој негов углед, неговото влијание како и неговата љубов кон Охрид, зборува и неговата ангажираност за целосна презентација на Охрид во Швајцарија – на познатиот Саем на туризмот во Лугано, како и придонесот за воспоставување официјална соработка меѓу Охрид и овој град во Швајцарија.
Имајќи го сето ова предвид, Советот на општината смета дека со доделувањето на Признанието „Почесен граѓанин на Охрид“ на г-динот Минчо Јорданов се исполнува желбата на бројни добронамерно сограѓани, а постоењето и доделувањето на ова Признание- се афирмира себеси на достоен начин“, стои во опширното образложение на одлуката што треба да ја верификува Советот на општината.












