Фудбалерите на Охрид стигнаа до вториот триумф во подготвителните натпревари откако во Кичево со минимални 0-1, полувреме 0-0 го совладаа составот на Велазерими.

За охридските фудбалери ова е втор триумф во тест средбите во шестиот натпревар. Претходно, „рибарите“ славеа против Караорман 3-1. Ремизираа со косовски Кек и Гостивар, а изгубија од Мачва и Кораб.

Двете екипи одиграа добар и квалитетен натпревар. Во првиот дел мрежите мируваа, благодарение на охридскиот голман Раиф Мирселоски кој успеа да го скроти удар од белата точка.

Во средината од второто полувреме Охрид успеа да постигне водечки погодок. Игор Клечкароски прецизно нафрли од страна, а еден од домашните фудбалери ја допре топката доволно за да го смени правецот и да го матира сопствениот голман. До крајот, Велазерими и Охрид имаа свои прилики, но резултатот не се промени.

Охрид, нова контролна средба ќе одигра в среда на домашен терен против екипата Млади Радник од Србија.

OhridNews