Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој ја предводи македонската делегација во рамките на работната посета на Кралството Шпанија, вчера во Мадрид оствари средба со Шаика ал Новаис, генерален секретар на Светската туристичка организација на Обединетите нации (UNWTO).

Министерот Љутков упатил честитки до Шаика ал Нoваис по повод изборот за генерален секретар, истакнувајќи ја важната улога на UNWTO во промовирањето на туризмот како двигател на одржлив развој и меѓународна соработка, особено во период на глобални предизвици за туристичкиот сектор.
Тој нагласи дека Владата на Македонија стратешки го препозна туризмот како значаен економски сектор, што резултираше со негово вклучување во Министерството за култура и туризам, со цел воспоставување системски пристап и поефикасно управување со туристичките политики. Во таа насока, министерот информираше дека во тек се активности за подготовка на нова Стратегија за туризам, како клучен документ за понатамошен развој на секторот. На средбата се разговараше и за улогата на туризмот во рамномерниот регионален развој, валоризацијата и заштитата на културното наследство, развојот на руралните подрачја, како и за зголемување на конкурентноста на туристичката понуда. Посебен акцент беше ставен на потребата од системско евидентирање на сите ресурси што имаат туристички потенцијал во земјава и воведување индикатори за мерење на туристичкиот потенцијал по региони, пренесува Министерството за култура и туризам.

Од особено значење беше и разгледувањето на можноста експерти на Светската туристичка организација на Обединетите нации да се вклучат во процесот на едукација и јакнење на кадрите во туризмот, со цел унапредување на квалитетот и професионалноста во секторот. Министерот истакна дека соработката со UNWTO е клучна во процесот на јакнење на институционалниот капацитет, усогласување на регулативата со меѓународните стандарди и креирање политики кои ќе обезбедат долгорочно одржлив и балансиран туристички развој, потенцираат.
Средбата, додаваат, беше оценета како значајна за понатамошно продлабочување на соработката меѓу нашата земја и UNWTO во наредниот период.
OhridNews











