– Нашите чекори треба да бидат синхронизирани. Владата и Министерството за локална самоуправа се одговорни за спроведување на законите, а ЗЕЛС е нашиот партнер со кој ќе ги договориме сите важни прашања“, посочи Бејта, кому како поранешен градоначалник на Гостивар добро му се познати проблемите на локалните самоуправи. Тој смета дека на општините им е потребна поголема финансиска стабилност
и самостојност за да можат да бидат поефикасни и поквалитетни во
обезбедувањето на јавните услуги, а на граѓаните им треба реализација
на проекти коишто ќе им го олеснат животот.
Поради наталожени долгови од минатото, општина Охрид сеуште се наоѓа во прва фаза на децентрализација. Процесот треба да се одблокира со банкарски кредит со кој општината би ги отплатила старите долгови, што е единствена пречка за влез во втората фаза на децентрализација. За таа цел советот донесе одлука за кредитно задолжување во висина од околу 6 милиони евра, кои според градоначалникот Александар Петрески се доволни да се деблокира сметката на општината, поради која таа се смета за финансиски нестабилна и не може да премине во следната фаза од процесот на децентрализација.
Пред изборите општината распиша јавен оглас за кредитно задолжуваљње на кој се пријавија повеќе банки, но конечниот избор ќе биде направен откако Министераството за финансии ќе издаде одобрение за кредитно задолжување на охридската локална самоуправа. Таа постапка како што информираат од општината е во тек и се очекува наскоро Министерството за финансии да се изјасни по однос на барањето за кредитно задолжување на локалната самоуправа.