Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски заедно со директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми денеска во увид на градежните активности за изградба на автопатската делница Кичево-Охрид.
Во понеделникот беше потпишано барање за одложување на градежните зафати на потегот Охрид-Подмоље од страна на претставници на локалната самоуправа, хотелиери, угостителски еснаф и туристички оператори и туристички агенции, по одржаниот заеднички состанок на кој присутвуваа и претставници на СВР Охрид, кои не го потпишаа истото. Истото беше доставено до Владата на Република Македонија и до Министерството за транспорт и врски со цел градежните зафати на овој потег да бидат одложени за септември.
Седум години не помрдна „автопатов“ сега на почеток на туристичка сезона 45 дена го затворате влезот на Охрид и се пренасочува цел сообраќај по стариот пат, пат кој нема капацитет да прими толкава голема бројка на возила и хаосот кој ќе го создадете е неминовен, реагираше градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, откако поради реконструкција на коловозот, сообраќајот на потегот Подмоље-Охрид се пренасочи по стариот пат Охрид-Струга.
Во барањето беше наведено дека затворњето на главниот приод кон Охрид е погубна одлука како за туризмот, така и од хуман и здраствен аспект, напоменувајќи и дека сепак не станува збор за последни километри за изградба од автопатската делница, па така градежните активности може да се насочат на друга точка, а од септември да продолжат на оваа.
Од Министерство за транспорт и врски реагираа дека автопатската делница од Кичево до Охрид се гради со потребната динамика и нема да дозволат ничија опструкција да ја блокира реализацијата на овој проект.
Благодарение на напорите и пристапот на оваа Влада се решија најголемите проблеми и се решија преку 3500 имотно правни пречки помеѓу државата и граѓаните. Се испроектираа и клучките, се репроектираа косините со што денеска има прогрес на терен. Кога веќе градоначалникот зборува за поддршка од централната влада сакаме да го информираме дека Владата преку ЈПДП оваа година ќе започне и со рехабилитација на дел од патниот правец од Охрид кон Свети Наум за кој искрено се надеваме дека нема да биде противник за реконстукцијата и на овој патен правец, рекоа во реакцијата од Министерството за транспорт и врски.
Реакција имаше и од пратеничката од редовите на СДСМ Жаклина Лазаревска која истакна дека на Охрид му треба современ булеварски влез и поврзување со Подмоље, но најважно е да биде безбеден за сообраќајот.
Ако сакаме тоа да се направи така мора да имаме малку трпение и да дозволиме изведувачите на тоа поврзување да го прават непречено, стручно, квалитетно, но и брзо како би можело за Петровден, односно отворањето на Охридско Лето кога и официјално започнува туристичката сезона истиот тој биде пуштен ви употреба. Да не дозволиме да се случи како ланската сезона кога во шпиц на туристичката сезона центарот на Охрид, улицата „Македонски Просветители“ беше целисно раскопана, недовршена и во прашина, рече Лазаревска.
Потенцираше и дека стариот пат е во добра кондиција, реконструиран пред неколку години со пари на ЈПДП односно државата и овозможува непреченост и безбедност во сообраќајот, додавајќи дека пред 2 години бил направен современ влез од другата страна, на влезот од Лескоец за Охрид на улицата „15 Корпус“ со средства на централната власт и општина тогаш предводена од градоначалникот од СДСМ.
Инаку, изградбата на автопатот стартуваше во 2014 година. Требаше да биде готов до 2018 година, но по промената на власта, според образложението на надлежните институции, поради пропусти во проектирањето, со анекс на Договорот рокот беше продолжен до 30 јуни 2021. И тој рок беше продолжен до крајот на оваа година, исто така со анекс на Договорот.
Н.С.Ј.