Откако во јавноста одекна веста дека УНЕСКО дава препорака за ставање на Охридскиот регион на листата на загрозени подрачја, од владата најавуваат решавање на проблемот со дивоградбите.

Министерот за животна средина Садула Дураку, информира дека во соработка со Инспекторатот за животна средина, централната и локалната власт ќе се излезе на терен со цел идентификување на дивоградбите, како и нивно отстранување.

  • Инспекторатот за животна средина секако е во тесна соработка со сите други инспекторати, локалната инспекција и градежната инспекција. Вие сте свесни дека Инспекторатот за животна средина нема ингеренции ништо да руши што е изградено спротивно на законот и дека дозволите за градба се добиваат од општината, изјави Дураку.  

Експертите по екологија сметаат дека ќе биде потребна силна дипломатија и умешност да се корегираат грешките од изминатите 20 години кои се сублимирани во Извештајот за Охрид.

  • Приоритет треба да биде заштитата на природно наследство, ревитализацијата на  колекторот, справувањето со дивоградбите и зајакнување на градежната инспекција во Охрид која го нема потребниот капацитет, вели експертот за заштита на животната средина Ѓоко Зороски.

Зороски потенцира дека доколку Охрид го загуби статусот во УНЕСКО, тоа ќе биде силен удар на неговиот имиџ како најатрактивна езерска дестинација во регионот што негативно ќе се одрази и на туризмот.

OhridNews