Во рамки на обиколката на Технолошко-развојните зони во западниот дел на Македонија, министерот за економија Беким Незири денеска беше во посета на компанијата „ОДВ Електрик“, која има своја браун-филд инвестиција во Охрид.

-Во технолошко-развојните зони во охридско-струшкиот регион и во Кичево веќе имаме две компании кои веќе се оперативни во браун-филд инвестиции, а истовремено се одвиваат активности за изградба на производствени капацитети во слободните економски зони. Целта на посетата е и да видиме како се одвиваат градежните зафати во зоните, а и на лице место да видиме како се одвива процесот на производство, рече министерот Незири.

Тој истакна дека активностите во градежниот дел на новиот објект на „ОДВ Електрик“ се одвиваат согласно предвидената динамика и се очекува  истиот да започне со работа во месец мај идната година.

-Очекуваме во мај оваа бројка од стотина вработени веќе во мај да достигне 500, а понатаму во рок од две години бројот на вработени да се покачи на илјада. Меѓутоа, самото вработување не е единствениот позитивен ефект, оттаму што отварањето на нови производствени капацитети значи и развој на стопанството во целина, објасни Незири.

Изградбата на новата фабрика на „ОДВ Електрик“ почна во септември оваа година, во ТИРЗ Охрид-Струга. Објектот во кој ќе се произведуваат компоненти за автомобили ќе се простира на површина од околу десет илјади метри квадратни, со вкупна вредност на инвестиција од 15 милиони евра.

OhridNews