Како Министерство, ја следиме ситуацијата во сите индустриски гранки во земјата и свесни сме за последиците, но во моментот приоритет е здравјето на нашите граѓани. Според нашите информации штетите во туризмот ќе бидат најголеми имајки ги предвид и резултатите од другите земји, велат од министерството за економија.
Според информациите од туристичките комори има значителен број на откажувања или одложувања на најавени групи кај хотелиерите и туристичките агенциите кои работат дојдовен туризам, намален број на индивидуални резервации, значителни откажувања на најавените семинари, конференции и настани, oтсуство на интерес за посети како резултат на претпазливост, намален интерес и отежнати продажби на распишаните аранжмани за сите дестинации, бројни барања за прекин на договор за организирано патување во странство поради претпазливост како и други откажувања.
Од Министерството за економија порачуваат Туристичките здруженија и комори да достават анализа на штетите кои што се предизвикани од откажување на тури, семинари, конфетенции и продажба на аранжмани и истите да ги достават до Координативното тело кое е веќе е формирано и е составено од претставници од Министерство за економија, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот како и сите Комори и Здруженија.
- Имајки предвид дека дел од мерките се поврзани со даночни олеснувања задолжително да се направи анализа од страна на Министерството за финансии, како и Министерството за култура во делот на барањата за правилникот на ЗАМП. Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот согласно своите надлежности да направи анализа за можностите за промена на Програмата за работа како и пренамена на средствата предвидени за Субвенции за странски организиран туристички промет во Фонд за туризам со цел обесштетување на засегнатите страни. Што се однесува до мерките кои се директно под надлежност на Министерството за економија укажуваме дека туристичкото стопанство ќе има максимална подршка, односно предлогот за осигурување на аранжмани е прифатлив и истиот е предвиден во измените на Законот за туристичка дејност, велат од министерството за економија.
Министерството за економија смета дека во ситуации каде што главен предизвик е решавање на проблемот со вирусот COVID-19 не треба да се гледа можност за користење на ситуацијата за постигнување на одредени придобивки. „Апсолутно сме свесни дека туристичкото стопанство има сериозни последици , но факт е дека и другите гранки од економијата ги чуствуваат истите, велат од министерството“.
Ваквиот став на министерството за економија следува откако туристичките комори побараа поддршка од државата поради големите загуби предизвикани со намалените патувања поради коронавирусот.
Туристичките работници информираа дека до мај се откажани сите групни тури од странство, драстично е намален бројот на туриститите и дека речиси не постои интерес за посета на државава поради претпазливост. Тие додаваат дека состојбата е алармантно лоша и дека секторот засега книжи загуби од 40 до 80 проценти и стравува од можно затворање на капацитетите. За да не отпушта вработени и за полесно да ја преброди ситуацијата, бараат итна помош од Владата.
Едно од барањата на хотелиерите, туристичките агенции и превозниците е државата да обезбеди финансиска поддршка, иако сé уште немааат пресметано колку точно таа треба да изнесува. Тие бараат и шест месеци да бидат ослободени од придонеси и даноци на личен доход, како и да се намали данокот на додадена вредност за храната во угостителските објекти од 18 на пет отсто. Според туристичките комори, засега откажувањата на странските посети од сите земји, освен од Турција, се преку 70 отсто, додека 90 отсто се откажувањата на македонските туристи кои планирале да одат надвор во претстојниот период.
OhridNews