Контроверзите околу заштитата на вредното културно наследство на Охрид продолжуваат и натаму, а последен пример е реконструкцијата на Али Пашината џамија во старата чаршија, каде се предвидува изградба на минаре високо 33 метри, кое не постои на објектот повеќе од еден век, што предизвика бурни реакции во јавноста. Од министертвото за култура сметаат дека е потребно ова прашање да се реши со копромис.
– Иако знаеме дека е возможно да се утврди висината на минарето врз основа на остатоците, секогаш е можно да се направи компромис во интерес на Охрид како град заштитен на УНЕСКО. – изјави Донка Барџиева Трајковска, специјален советник на министерот за култура, која најави вклучување на експерти во случајот со цел негово решавање..
Таа посочи дека културното наследство на Охрид кое е под заштита на УНЕСКО е сериозно загрозено, поради што е неопходно владата да донесе итен план за негово спасување. Се најавува изработка на нов закон со кој ќе се утврди адекватен режим на заштита, категорија на вредност и степен на загрозеност на културното наследство, што е дел и од препораките на УНЕСКО кои треба да се имплементираат до февруари, во спротивно на Охрид му се заканува опасност да биде ставен на листата на загрозено светско наследство.
– За жал во Охрид ни се случи нешто што од нас никој не го посакуваше, институциите задолжени за заштита на културото наследство да работат спротивно на тоа и затоа ни се случи Плаошник, обнова на Самуиловите тврдини и бројни дивоградби во околината. Тоа е еден комлексен проблем кој треба да се решава. – рече Барџиева Трајковска.
Во Охрид денеска се одржа јавна расправа за нацрт-стратегијата за културен развој на Македонија во периодот 2018-2022 година, која треба да ги утврди идните политики на државата во оваа област.
Г.М.













