Реакциите за изложбата „ Замислувајќи го Балканот“ се задоцнети и имаат друга позадина која нам не ни е позната, велат од македонското министерство за култура по написите во медиумите во Бугарија дека претставници од бугарскиот национален историски музеј ја напуштиле изложбата во Белград,поради тоа што на етикетите Гоце Делчев бил претставен како македонец, што од бугарското министерство за култура беше толкувано како фалсификување на историјата.
– Жалиме што идејата, со изложбата „Замислувајќи го Балканот“ да се испрати порака за заедништо, соработка и дијалог меѓу народите на Балканот добива друг контекст и што се злоупотребува во политички цели. Република Македонија со гордост и внимание ја прифати оваа иницијатива да биде дел од изложбата, се со цел да прикажеме дел од нашето минато во името на заедничката историја на балканските народи во периодот на 19 век. Потенцираме дека отворањето на изложбата и печатењето на каталогот не беа предмет на забелешки на ниту една од земјите-учеснички во овој заеднички проект со УНЕСКО. Реакциите кои доаѓаат од бугарската страна се пост-фестум, во месец август, поточно четири месеци по изложбата која за прв пат беше отворена во Љубљана, кога со поддршка на УНЕСКО и ИКОМ беше отпечатен и каталог кој е резултат на заедничката работа на сите координатори, велат од министерството за култура.
Како што пренесоа бугарските медиуми деновиве, регионалната канцеларија на УНЕСКО во Венеција испратила писмо во кое бара да бидат покриени етикетите, вклучувајќи ги и оние на англиски јазик, кои се однесуваат на Гоце Делчев и Знамето на Крушевската Република, презентирани на изложба во Белград. Министерот за култура на република Бугарија дури изјавил дека изложбата нема да биде дозволена во Бугарија.
OhridNews