Експертски работни групи кои се уште се екипираат треба да предложат краткорочни решенија за санирање на дивата депонија која ја загадува Струга. Ова го најавија владините министри Дураку, Шапуриќ и Мерко по денешната посета на општина Струга и депонијата која се наоѓа наоѓа на само еден и пол километар од центарот на градот. Таа се уште тлее откако беше опожарена за време на велигденските празници.
-Тука се работните групи, се работи за мултисекторски пристап, треба експертите да предложат мерки, не може да договориме нешто за две минути што е проблем 10 години. Во секој случај ќе ја информираме владата која ќе донесе заклучоци. – истакна министерот без ресор Зоран Шапуриќ.
Сепак владините министри не понудија конкретни решенија за решавање на проблемот со струшката депонија, освен дека владата е волна да помогне во напорите да се обезбеди механизација и други потребни ресурси за нејзино гаснење, посочувајќи дека управувањето со отпадот е во надлежност на општините а решението е изградба на регионални депониии. Во следна фаза треба да се пристапи кон конзервирање на дивата депонија во Струшко поле и воведување забрана за одлагање на отпад на тоа место, но тоа во многу ќе зависи од помошта која Струга очекува да ја добие од соседен Охрид.
– Имаме закажано средба со градоначалникот на Охрид Бакрачески ќе разговараме за одлагање на отпадот на нивната депонија, која исто така е дива, се надеваме дека ќе наидеме на разбирање, доколку не успееме ќе бараме друго решение. – истакна Мустафа Забзун – градоначалник на Струга.
Граѓаните на Струга од април наваму организираа повеќе мирни протести на кои побараа од властите итно решавање на проблемот со дивата депонија. Но на претставниците на граѓанската иницијатива „Доста“ која стои зад протестите, денеска не им било дозволено да присуствуваат на состанокот на министрите и градските власти, со образложение дека средбата била службена, а тие не биле поканети. Од граѓанската иницијатива изразуваат благодарност до министрите за покажаниот интерес за проблемот со депонијата, но најавуваат дека протестите ќе продолжат, а доколку изостане брза реакција од властите истите ќе се радикализираат.
-Благодарение на нашите протести, работите се поместија еден чекор понапред кон решавањето на проблемот со дивата депонија. Гаснењето и конзервирањето на депонијата е еден сложен процес на кој ќе почне да се работи веднаш. Проект ќе биде изработен до крајот на неделата, а веќе од наредната недела ќе се излезе со соодветна механизација на терен. Сепак, утре да им ставиме до знаење на сите, за одговорноста која ја имаат носителите на јавни функции. Се гледаме на протест! Збирно место во 12 часот кај Народна одбрана. – стои во соопштението на граѓанската иницијатива „Доста“.
Г.М.