Министерството за информатичко општество и администрација, денеска појасни дека Нацрт-законот за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги во делот на работењето на веб порталите и интернет просторот, не содржи одредба (член или став) за регулирање, ниту ограничување на слободата на информирањето преку интернет, пренесува „Макфакс“.
„Во изминатиот период повеќепати беше укажано дека со новиот закон ќе се врши само евидентирање на порталите (правни субјекти, а не физички лица), но не и нивно регулирање. Министерството за информатичко општество и администрација уште еднаш потсетува дека во Нацрт-законот се вградени сите европски директиви (начела и дефиниции), кои претставуваат стандарди во европските земји“, стои во соопштението од МИОА.
Од таму велат дека дезинформациите кои се пуштаат во јавноста преку одредени медиуми, како и повикот на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници до информативните веб-сајтови да ги „затемнат“ на еден час „во знак на протест поради опасните тенденции со нов закон за медиуми да се внесе информативен мрак на интернет“, само штетат на процесот на јавната расправа која е во насока на донесување на квалитетен Закон за медиуми, кој ќе ја подобри медиумската област во Република Македонија.
„Она што ќе треба да се уреди кај овој тип медиуми е тоа што сите новински агенции и веб портали во иднина ќе мораат задолжително да имаат импресум, кој ќе биде поставен на видно место, а ќе даде информации и податоци за сопственичката, уредувачката и новинарската структура на медиумот. Тоа ќе придонесе и за поголема транспарентност на медиумот кон публиката“, појаснуваат од МИОА.
Потсетуваат дека во текот на април оваа година беа одржани бројни средби и јавни консултации со субјектите во медиумската област, меѓу кои и со управителите/директорите на веб порталите во Република Македонија, при што на конструктивен и транспарентен начин беа разгледани сите предлози, сугестии и коментари кои доаѓаа од нивна страна.
Според МИОА, носителите на новинските агенции и е-портали, најмногу се интересираа за регулирањето на авторските права на новинарите и редакциите, залагајќи се за ставање ред во таа област, истовремено барајќи категоризација на порталите (информативни и забавни).