Од 1302 институции во Македонија, 197 институции немаат побарано согласност од МИОА и немаат активна систематизација, а 150 и покрај одобрената систематизација не внесувале податоци во Регистарот, изјави денеска на прес конференција министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.
-МИОА во моментов, прави проверка на сите институции поединечно. Тоа што може да се заклучи од досегашната проверка е дека се работи за поголем проблем со податоците за вработените во јавниот сектор од тоа што беше очекувано. – рече Манчевски.
Тој истакна дека МИОА до Државната изборна комисија, вчера доставило податоци за вработените во јавниот сектор што не се внесени во Регистарот на начин и постапка која е со закон предвидена.
-Податоците се добиени како резултат на вкрстување на бази на податоци од повеќе различни институции. Податоците доставени до ДИК се однесуваат на 115.729 вработени во јавниот сектор. Оваа бројка не е официјална и не ја претставува реалната слика. – рече Манчевски.
Проблемот во Регистарот се рефлектира и на „Годишниот извештај на вработени во јавниот сектор“. Како резултат на непотполниот Регистар, Годишниот извештај за 2016 година е подготвен врз основа на податоците од повеќе државни институции како што се Централниот регистар, Фондот за здравствено осигурување, Агенцијата за вработување, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и Министерството за финансии. Како што истакна министерот Манчевски, МИОА работи на надминување на проблемот со цел што поскоро да имаме функционален регистар, додаде министерот Манчевски.
OhridNews