Меѓународниот ден на мирот, 21-ви септември, денеска, петок, ќе биде пригодно одбележан и во Охрид. По тој повод претставници на Сојузот на борци ќе положат свежо цвеќе на бистите на паднатите борци и илинденци во градскиот парк. На присутните ќе се обрати претседателот на Сојузот на борци, Гоце Георгиески, а ќе биде прочитана и пораката на генералниот секретар на ООН Бан Ки- Мун.
Во рамки на одбележувањето, денска, ќе се одржи и мировен марш кој ќе започне во 11 часот пред седиштето на организацијата, стара дирекција на “Гранит”.
Одбележувањето на Меѓународниот ден на мирот започна во 2001 година со носење на резолуција од страна на Генералното собрание на Обединетите нации, со која се покануваат сите држави членки на Обединетите нации, регионални и невладини организации и индивидуи да го одбележат на соодветен начин Меѓународниот Ден на мирот.
Централниот настан годинава ќе се одржи во Штабот на ООН во Њујорк. Светската федерација на ветераните овој ден го промовира во светски марш што се одржува насекаде во светот под мотото – “Ветераните чекорат за мир”.Сојузот на борци на Македонија како членка на светската федерација на ветераните 5-та година е носител и организатор на овој Марш на мирот во нашата земја. Овој проект е поддржан од Владата на Република Македонија, Министерството за надворешни работи, Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи.
OhridNews