Италијанскиот готвач со престижното признание Мишелин ѕвезда, Џорџо Дијана, повторно ќе биде гостин во Охрид, овој пат како дел од програмата на Факултетот за туризам и угостителство каде ќе одржи неколкудневни Мастер часови.

Тој на пријавените студенти и претставници од угостителските објекти во Охрид ќе им ги презентира новите техники на готвење со конзервирање на храната, пастеризација на продуктите, спорото готвење, како и важноста на новите техники и методи на готвење во кујната на модерните ресторани и хотели.

Покрај практичните обуки од затворен карактер, љубителите на гастрономијата ќе имаат можност да ги пробаат специјалитетите од славниот готвач и на часовите на отворено кои ќе се одржат во четврток, 23-ти мај, пред хотелот „Su“. Сите домашни и странски гости во Охрид ќе имаат можност во прекрасниот амбиент покрај Охридското езеро да ги вкусат специјалитетите, но и во живо да проследат како тече процесот на подготовка на храната од страна на Мишелин готвачот.

Покрај Џорџо Дијана, гостин на пролетното издание на „Taste Ohrid“ ќе биде и Андреа Бијаџини, МТП Мишелин и сопственик на „Food & Lifestyle“. Неговото богато искуство во угостителството ќе го пренесе на претставниците од рестораните и хотелите во Охрид преку практичните обуки за маркетингот и неговото влијание врз туризмот, како и вредноста на рестораните во целокупната туристичка понуда на градот.

Џорџо Дијана веќе и е познат на македонската публика по неговото учество на минатогодишното издание на гастрономскиот и авантуристички настан „Taste Ohrid“, каде приготви спектакуларна Гала вечера во „Su Hotel“, како и Мастер часови на Факултетот за туризам и угостителство.

Покрај домашните и странските туристи во Охрид, на овој настан огранизиран од страна на Општина Охрид, ЕДЕН – туристички кластер на југо-западна Македонија и Факултетот за туризам и угостителство, ќе присуствуваат и високи претставници од дипломатскиот кор на Република Македонија.

Повеќе детали за настанот ќе бидат соопштени денеска на прес конференција.

OhridNews