По повод Осми март-празникот на жената, денеска претпладне, потпретседателот на Социјадемократската партија (СДУ) Веле Митаноски, заедно со претседателот на Општинската организација Марко Спасески и членови на Партијата, од Советничката листа, го посетија Геријатриското одделение при Општата болница во Охрид. Во подолгиот разговор со дваесетината жени и началничката на Одделнието Д-р Севим Селим, Митаноски, беше запознат со условите за престој и здравствена нега. Во изјавата за медиумите Веле Митаноски, рече дека просторните услови навистина се многу ограничени, на најповеќе триесетина места, меѓутоа, како што рече, “фасцинантни се ентузијазмот, грижата и посветеноста на медицинскиот персионал”. “Истовремено е фасцинантна желбата на овие наши сограгани да му се радуваат на животот и во едни, за нив, специфични услови. Дамите не испратија со песна, со една прекрасна далматинска нумера”, додаде Веле Митаноски.


“Очигледно е дека општеството малку се грижи за старите и изнемоштени лица. Сите ние треба да знаеме дека еден ден ќе остариме, а никој не може однапред да знае кога ќе му затреба  таква помош”, рече Митаноски.


“Ние денеска избравме да дојдеме во Геријатриското одделение, продолжи Митаноски, прво, поради утрешниот празник  и второ да афирмираме еден сегмент од Изборната програма. Имено, еден од нашите програмски приоритети, е изградбата на Дом за пензионери и стари лица во Охрид. Сакам да упатам на делот 7 – Локални приоритети, од Програмата, објавена и на нашата интернет страница (њњњ.велемитаноски.мк), кој е посветен на ова прашање. Како дел од една посеопфатна социјална програма, општина Охрид, има ингеренции и задачи, а мислам и капацитет, најитно да  почне изградба на Дом за пензионери и стари лица, од високо социјализирана категорија, со апартмани, други содржини за престој, забава, здравство и сеопфатна заштита”, рече Веле Митаноски, потпретседател на СДУ и носител на Советничка листа.