Охрид секогаш бил почетокот, но овој пат ќе биде крајот. На 21 април ќе извојуваме победа, а ќе победиме затоа што ја носиме вистината. Ова е нашата борба против неправдите, борба која не обликува и дефинира, истакна лидерот на опозициската ВМРО ДПМНЕ на митингот што вечерва се одржа на градскиот плоштад во Охрид, на кој беа претставени кандидатката за претседател на државата на коалицијата „За подобра Македонија“ Гордана Давкова Силјановска и кандидатот за градоначалник на Охрид д-р Митре Милошевски.
Има работи за кои врреди да се бориш, ова е наше време, ова е борба на нашата генерација, за иднината на Македонија. – рече Мицкоски.
Ова се повеќе од локални и претседателски избори, избори во кои се одлучува иднината на Македонија, неповторлива шанса да се матира „Заевизмот“ кој го гуши секое парче од оваа земја, рече Мицкоски.
Ќе не биде или нема да не биде како Македонија, одговорот ќе го дадеме заедно на 21 април, потоа на 5 мај, а потоа на предвремени парламентарни избори. Одговорот го знаеме, ќе не биде и тоа како ќе не биде. – истакна Мицкоски.

Време е за правда. Време е да се избориме за подобар Охрид. Митре Милошевски својот живот го посвети да им помага на пациентите, а сега е подготвен да помага и да го крене од пепел Охрид. Градот заслужува повеќе од тоа што денес го има. Нашата цел е голема, а таа цел е заедничка со Митре. Затоа ве повикувам да ја поддржите неговата кандидатура и да го дадете својот глас на 21 април за идниот градоначалник на Охрид д-р Митре Милошевски и идниот претседател на Македонија Гордана Силјановска. – порача Мицкоски.

Охрид може и знае многу подобро. Стремежот кон успех мора да е континуиран, само така се постигнува целта. Како човек од градот секогаш се трудам да ги остварам целите, да ја оправдам довербата. Вашата поддршка значи дека приоритетните проекти ќе бидат остварени врз принципите на чесност, посветеност и одговорност. – рече Милошевски.


Наместо Парламент имаме едногласно комунистичко собрание, наместо правосудство кривосудство, реваншизам и селективна правда. Единствената реформа беше Преспанскиот договор и промената на името. Јас не сум против договори, но во нив има две страни кои треба да бидат рамноправни. За жал едната е Хеленската република, другата е безимена. – рече Давкова.

Ќе го користам ветото секогаш кога се носат неуставни закони не за да се правам силна жена туку да ги заштитам Уставот и законите. Доколку се кршат тие, ќе се обратам пред Собранието, односно пред вас граѓаните. Наместо еднаш годишно ќе се обраќам повеќе пати за да отворам прашања од интерес на граѓаните. Екологијата ќе биде еден од моите врвни приоритети. – најави Силјановска.
Претходно ВМРО ДПМНЕ одржа средби со жителите на Велгошти.
OhridNews

























