И во време на најголемата енергетска криза граѓаните не го почувствуваа недостатокот на светскиот пазар, затоа што водевме мудри политики и обезбедивме енергија за целата држава, рече носителот на кандидатската листа за пратеници на СДСМ во ИЕ5, Јован Митрески, кој денес заедно со кандидатите за пратеници Жаклина Лазаревска, Леонора Новеска, Софија Ристеска и Јован Крлев беа во посета на фабриката „Братство Инокс” во Охрид.

Потенцираше дека денес во Охрид во текот на целиот ден имаат посети на компании каде разговараат за нивниот нов план, тоа што го нудат во оваа предизборна програма.

Правиме и консултации во смисла на тоа што им е најпотребно во моментов на фирмите, а зборувавме денес и за поддршката за обновливи извори на енергија кои им значат дополнителна помош во производството, односно намалување на трошоците во производството. Од „Братство Инокс” потенцираа дека поставувањето на фотоволтаици им помага во производстсвото и посебно им помогна во време на големата енергетска криза, затоа што цената на енергијата на светскиот пазар тогаш беше огромна, 800 евра за мегават, а со такво производство, со обновливи извори на енергија тие ја обезбедуваа за 70-80 евра за мегават, што е некаде за 10 пати пониска, рече Митрески.

Потенцираше дека во наредниот мандат гарантираат зголемување на вкупното домашно производство на енергија за најмалку 70%, а го зголемуваат и капацитетот на обновливи извори на енергија за најмалку 100%.

Еден милион граѓани ќе добиваат енергија од обновливи извори. Ги зголемуваме субвенциите од 80 илјади на 120 илјади денари за секое домаќинство. Воведуваме забрана за изградба на нови мали хидроцентрали. Продолжуваме и со поддршка на бизнисите. 180 милиони евра дирекна финансиска поддршка на домашните компании за инвестиции во производство и 3,5 милјарди капитални инвестиции. Гарантираме стабилна даночна политика. Воведуваме нула проценти данок на личен доход за минимална плата како и по 200 евра за во првите 12 месеци за секое прво вработување н алица до 26 години. Планираме инвестиции од над 2,7 милијарди евра за модернизација на инфраструктурата во сите општини, квалитетната инфраструктура е предуслов за растечка економија и повисок животен стандард. Само со добар план, со знаење и умешност можеме да  одиме напред, истакна Митрески.

Во денешната агенда, додаде Митрески, предвидени се средби и со други бизнисмени, кои веќе поставуваат фотоволтаици, но и со туристички работници, хотелиери…

Н.С.Ј.