На голем црковно-народен собир, во присуствио на неколку илјади македонски верници, викендов во Мелбурн, Австралија, Митрополитот Дебарско-Кичевски г.Тимотеј, со свечена архиерејска литургија, во сослужение на свештени лица на МПЦ-ОА од Македонија и Австралија, го освети новоизградениот православен македонски храм „Успение на Пресвета Богородица“.

Поради овој историски чин, кога на австралискиот континент светна уште едно Свети Климентово кандило, за слава и на радост на православните македонци, пред празникот Водици Митрополитот Тимотеј, Администратор на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија во Австралија во придружба на секретарот на Дебарско-Кичевската Епархија, отец Никола Ѓурѓиноски, отпатува во Мелбурн.

На свеченото осветување на црквата Успение на Пресвета Богородица, на кое присуствуваа делегатите на управните одбори на 13 македонски православни општини од Австралија, претседателот на Охридското социјално друштво „Свети Наум Охридски“ во Мелбурн Васко Ангеловски во знак на добрата соработка и афирмативната улога што ја има Митрополитот Тимотеј за македонските православни црковни општини во Австралија, му подари кристална икона со ликот на Пресвета Богородица, заштитничка на новиот македонски православен храм на австралискиот континент.

Во Австралија, каде живеат голем број македонци, македонските православни храмови имаат големо значење за организирање на македонската заедница преку различни активности, со кои се зачувува и зајакнува македонскиот идентитет преку негување на македонскиот јазик, култура, литература, фолклор, спорт и македонските традиции, што е од клучна важност за македонскиот народ и македонската држава.

Нина Кепеска

Жељко Јоксимовиќ и Зоран Милески го презедоа кумството за Водици во Охрид