Стануваме држава каде сиромаштијата расте, стандардот опаѓа, а корупцијата е највисока во Европа, истакна претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на прес кнференцијата одржана денеска. Додаде дека имаме деградиран политички и правен систем каде упадите, кршењата и непочитувањата стануваат пракса. 

-СДСМ и Зоран Заев донесоа изместени вредности во политиката и секојдневното живеење. Погледнете, најпрво го узурпираа собранието, ги прекршија сите можни процедури во собранието само за да го донесат неуставниот закон за јазици, и откако на сила го изгласаа, а Претседателот Иванов се одлучи да го заштити Уставот тие тргнаа во офанзива да го напаѓаат дека го крши уставот. И ова е еден доказ за изместените вредности. Имаме неуставен закон за јазици кој како со нож го дели ова општество. Потег кој наместо да направи општество за сите, создава поделено општество. Држава во која народните избраници кои го изгласале законот за јазици полицијата ги чува од сопствениот народ. Дополнително дел од нив јавно си кажуваат дека седеле дома за да не провоцираат Значи, свесни се дека тоа што го направија е провокација и е далеку од здравиот разум. – рече Мицкоски.

Тој истакна дека Заев враќа долгови кон ДУИшто е штетно за државата.

-И додека ова се случува. Нема поголеми плати пензии. Коморите се жалат. Синдикатите се жалат, земјоделците се жалат. Младите забрзано се иселуваат дополнително разочарани од животов што дојде. Хаос владее насекаде. Нема ден да одмине без некој нов скандал. Народот оправдано е зачуден или подобро шокиран. Денес Македонија е киднапирана и срушена држава. Ги киднапираат и узурпираат институциите, законите, уставот, а главната одлика им е рушењето. -рече Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ најави дека партијата подготвува нова програма и продолжување со теренските посети. -Остануваме со народот во сите предизвици и заедно ќе дојдеме до излезот кој ќе значи оваа власт да си замине.- додаде Мицкоски.

OhridNews