Ќе има компании кои што ќе се отвораат и ќе има компаниии кои што ќе се затвораат и домашни и странски и тоа не треба да се сфаќа како крај на светот. Ние како Влада се обидуваме и успешни сме во тоа да привлечеме што е можно повеќе компании. Веќе имаме неколку кои што се во процес на завршување на преговори, рече премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по информацијата дека две странски компании заминуваат од државата.

Очекувам до крајот на годината 4 или 5 такви компании веќе да потпишат договори со Владата. Очекувам нови над 1000 работни места кои што би се креирале само како разултат на овие договори. Апсолутно ќе се случуваат такви работи, ќе има нови компании, некои ќе се отвораат, некои ќе се затвораат, но ние како Влада сме тука да работиме за интересот на граѓаните и државата и убеден сум дека со поддршката која ја даваме сме конкурентни или едни од најконкуретните во Европа и тоа го покажуваме. Впрочем еден од тие докази е и оваа инвестиција која следната година ќе ја прави „Костал“. Сепак 30 милиони евра, нови 200 работни места, цел да имаме извоз над 300 милиони евра претставува нешто импресивно. А ние како Влада ќе направиме се да привлечеме уште повеќе инвестиции,  додаде Мицкоски.

Тоа се интерни одлуки на тие компании, затоа не можам да коментирам кои се причините за нивното заминување,  рече генералниот директор на „Костал“ Македонија, Виктор Мизо.

Од тоа што го имам прочитано тие прават некоја консолидација на своето портфолио на европскиот пазар. Европската индустрија е во стагнација, но ќе имаме и победници, но и некогаш некои компании кои нема да успеат да се снајдат најдобро во она што се случува во автомобилската индустрија. Но, фактот што ние продолжуваме со инвестирање и одиме понатака, значи дека ова е добра, успешна и правилна одлука што сме да ја донесле како компанија за да се развиваме во Македонија. Заради тоа што една или две компании планираат да ја напуштат државата, не значи дека другите компании нема да се развиваат и понатака или нема да дојдат нови компании, додаде Мизо.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска